Поглаварот на Римокатоличката црква папата Франциско денеска изјави дека ништо не може да ја оправда примената на смртната казна и дека не постоји „вистински“ начин хумано да се убие друго лице.
Во писмото упатено до Меѓународната комисија против смртната казна, која ја сочинуваат поранешни владини функционери и правни лица, папата Франциско нагласи дека католичката црква остро се противи на капиталното казнување и дека принципот на легитимна лична одбрана не е соодветно оправдување за извршување на егзекуцијата.
-Кога смртната казна се применува, тоа не е заради сегашниот чин на агресија, туку повеќе е заради нешто сторено во минатото. Денеска смртната казна е неприфатлива, без разлика на тоа колку е сериозно стореното злосторство, истакна папата.
Папата Франциско додаде и дека модерните затворски системи смртната казна ја направија непотребна, пренесуваат американските медиуми.
-Од аспект на владеењето на законот смртната казна е погрешна, бидејќи ја задолжува државата да убие во име на правдата, порача поглаварот на Римокатоличката црква.
„Не постои хуман начин на кој можете да убиете друго лице“, заклучи папата Франциско.