Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциско ги прогласи своите претходници папите Јован Павле Втори и Јован Дваесет и трети за светци за Римокатоличката црква на церемонија денеска на плоштадот Свети Петар.
Над еден милион верници и туристи од целиот свет пристигнаа на плоштадот Свети Петар за да станат сведоци на канонизацијата на двајцата папи.
Овој настан е уникатен во над две илјади години старата историја на Римокатоличката црква, не само затоа што во редот на светците влегоа двајца папи истовремено, туку и затоа што канонизацијата се случи со учество на двајца живи носители на таа титула, сегашниот Франциско и претходниот Бенедикт Шестнаесетти.
На церемонијата присустуваа 93 странски делегации, од кои 31 беа предводени од претседатели и премиери.
За време на церемонијата папата Франциско го изрши ритуалот на канонизирање и отслужи миса.
Папите Јован Павле Втори (Карол Војтила) и Јован Дваесет и трети (Анџело Џузепе Ронкали) беа на чело на Римокатоличката црква меѓу 1978 и 2005, односно 1962 и 1965 година.
Јован Павле Втори, прв полски папа, кој уживаше голема популарност во целиот свет, ќе биде прогласен за светец во рекордно време, само девет години по смртта.
Ватиканската конгрегација задолжена за преиспитување на кандидатите за светци лани го призна второто чудо на Јован Павле Втори.
За да некој биде прогласен за светец, мора да има две „потврдени“ чуда, од кои првото е неопходно за беатификација, а таа пречка полскиот папа ја „совлада“ само шест месеци по смртта во 2005 година. Тоа беше исцелување на француската калуѓерка Мари Симон-Пјер, чие заздравување од Паркинсонова болест откако се молела за „интервенција“ на покојниот Јован Павле Втори, нема медицинско објаснување. Второто чудо, наводно се случило на самиот ден на неговата беатификација на раскошната церемонија одржана на 1 мај 2011 на плоштадот Свети Петар – тоа било исцелување на една жена од Костарика.
Кардиналот Анџело Џузепе Ронлаки, идниот папа Јован Дваесет и трети беше пратеник на Ватикан во Бугарија од 1925 до 1934 година во мисија за надминување на несогласувањата меѓу католиците од две струи. Во 1934 година тој е унапреден за Месемвриски кардинал и пратеник на Светата столица во Турција и Грција со седиште во Истанбул.
Со денешната канонизација бројот на папите, кои се прогласени за светци достигна 82, почнувајќи од Свети Апостол Петар.