Папата Франциск утре ќе претседава со беатификацијата на папата Јован Павле Први, кој беше на чело на црквата само 33 дена пред да умре под чудни околности.
Се очекува мисата на плоштадот Св. Петар во Ватикан да ја следат илјадници лица.
Беатификацијата е последен чекор пред човек да биде прогласен за светец.
Јован Павле Први беше избран за папа на 26 август 1978 година, на 65-годишна возраст. Починал само 33 дена подоцна, на 28 септември, и со тоа стана лидер на Римокатоличката црква со најкраток мандат во нејзината понова историја.
Причината за неговата смрт била срцев удар. Но, неговата смрт предизвика бројни шпекулации. Некои веруваа дека тој извршил самоубиство бидејќи се чинело дека не сака да ја преземе функцијата. Исто така, се шпекулираше дека бил убиен од неговите противници, односно противници на реформите на Црквата за кои тој наводно се залагал, особено оние што се однесуваат на банката на Ватикан.
Овие теории беа отфрлени од многумина, а биографот Кристоф Хенинг рече дека причината за тие гласини едноставно може да биде ненадејната смрт на папата, во комбинација со фактот дека во тоа време Ватикан немал соодветна комуникација со јавноста.
Обдукција за утврдување на причината за смртта не беше изведена, а Ватикан објави нејасни информации за тоа што се случило.
Во октомври 2021 година, Ватикан објави дека признава чудо што му се припишува на Јован Павле Први, што му овозможува да биде прогласен за блажен. Чудото е наводно ненадејното исцелување на тешко болно 11-годишно девојче во Буенос Аирес во 2011 година, откако локалниот свештеник му се помолил на починатиот папа.
Според правилата на Католичката црква, во повеќето случаи мора да се препознае уште едно чудо пред некој да биде прогласен за светец.
Се вели дека Јован Павле Први бил абортус и контрацепција, но тој, исто така, се обидел да го реформира начинот на кој се управува со Црквата.
Извор: МИА