Пакистан го повика американскиот амбасадор во земјата за да ги демантира тврдењата наведени во извештајот на Пентагон, дека Исламабад поддржува вооружени групи преку кои дејствува во соседните Индија и Авганистан, пренесоа американските медиуми, повикувајќи се на соопштение на пакистанското Министерство за надворешни работи.
Пакистанскиот советник за национална безбедност и надворешна политика, Сартаџ Азиз, на американскиот амбасадор Ричард Олсон му го изразил незадоволството на Владата во Исламабад.
Во извештајот на Пентагон, насловен „Напредокот кон безбедност и стабилност во Авганистан“ се посочува дека вооружени борци, кои се борат во Индија и Авганистан, и натаму добиваат засилниште во Пакистан, а оваа држава ги користи за да ја компензира својата загуба на влијание во Авганистан, и како противтежа на индиската надмоќ во воените односи, забележуваат американските медиуми.
Во соопштението на пакистанското МНР се наведува дека овие тврдења будат особена загриженост во актуелниот момент со оглед на фактот дека пакистанската армија спроведува голема офанзива врз вооружените борци во племенскиот реон Северен Вазиристан, долж границата со Авганистан.
Во извештајот на Пентагон Исламабад се пофалува за неговата воена офанзива и му се признава дека пакистанската армија постигнала успех против локалните и странските вооружени борци.