Отровниот чај за еден шпион ги затегнува односите помеѓу Велика Британија и Русија

Од:

ДПА – Хамбург

Утрински чај со двајца поранешни агенти на КГБ во монденски хотел во квартот Мејфер и ручек во суши бар на Пикадили со италијански атомски експерт – 1 ноември 2006 година започна како најобичен ден за несречниот Александар Литвиненко – шпион на Москва кој стана дисидент и се пресели во Лондон.

Дента тој всушност заврши во болница: во чајот му бил сипан радиоактивен отров и подоцна истиот месец Литвиненко почина. Во јавната истрага истата недела двајцата Руси беа обвинети дека го извршиле убиството – го ставиле смртоносниот отров по наредба на претседателот Владимир Путин.

Путин беше наречен „обичен криминалец маскиран како шеф на држава“.

Адвокатот Бен Емерсон, кој ја претставуваше вдовицата на Литвиненко, изјави дека „наредбата можела да биде дадена само од едно лице“ и дека Путин е „безмилосен и смртоносен ѓавол“.

Случувањата во Украина ги влошија британските односи со Москва. Откритијата и обвиненијата во текот на овие неколку месеци додека течеше истрагата може конечно да се изнесат. Емерсон се надева дека истрагата ќе заврши со заклучокот дека Путин ја наредил смртта на Литвиненко, плашејќи се дека тој би можел да ги извади на светлина неговите врски со руската мафија.

Сер Роберт Овен, кој ја води истрагата, рече дека токсинот кој бил тајно внесен во земјата и сипан во чајот на Литвиненко во хотелот Милениум, можел да биде искористен „да убие голем број на луѓе или да посее паника и хистерија во земјата“.

Траги од отровот биле откриени во канцеларии, станови, хотели и авиони во Лондон, и не само таму. Траги имало дури и на стадионот на фудбалскиот клуб Арсенал.

Појавата на отровот на толку многу места беше опишано како „атомски напад во мал обем по улиците на Лондон“. Дозата била таква што телото на Литвиненко било погребано во оловен сандак за да се спречи истекување на радијација од гробот.

Руската страна не е вклучена во истрагата. Москва ја блокира екстрадицијата на двајцата тајни агенти кои се обвинети дека го извршиле убиството.

Литвиненко бил отстранет од работата во Москва во 2000-та година и добил засолниште во Велика Британија, чиј граѓанин станал во 2006 година. Побарал прибежиште и во САД, но бил оценет како непосакуван заради неинтересност за него како извор на тајна информација.

Британските служби за безбедност не потврдуваат, ниту пак одрекуваат дека тој бил на платен список кај нив. Конечниот доказ треба да фрли светлина за работата која тој ја вршел за нив.

Литвиненко, автор на книги и статии за руските тајни служби, беше наречен фантазер кој изнесува непоткрепени со факти конспиративни теории.

На пример, тој тврдел дека „сите најкрвави терористи на светот“ биле поврзани со Москва дека сите тие се обучени, финансирани и вооружени од Кремљ за да извршуваат терористички дела низ целиот свет.

Според него, „центарот на глобалниот тероризам не се Ирак, Иран, Авганистан или Чеченската република“, туку Русија.

Литвиненко ја обвини Москва за атентати извршени во Лондон во 2005 година кога загинаа 56 души, како и за објавувањето на навредливите за муслиманите карикатури во данскиот весник истата година, кои доведоа до крвави бунтови низ светот.

Во истрагата ќе бидат сослушани околу 70 сведоци, од кои некои најверојатно ќе изјават дека Литвиненко станал опасен за претседателот Путин и дека затоа требало да му биде затната устата.

Во годините по неговото заминување од Москва, неговите обвиненија против руските власти станале се поскандалозни. Некои би се запрашале ако навистина неговите докази биле толку опасни, зошто тогаш порано не го замолкнале.

Јавноста ќе ја помни познатата морничава фотографија на 42-годишен маж кој останал без коса заради радиоактивно труење, и кој си ја чека смртта во болнички кревет.

Би можело да ве интересира

Пет лица загинаа во сообраќајна несреќа во Санкт Петербург

Горан Наумовски

Руски суд го заплени имотот на италијанскиот „УниКредит“ вреден 463 милиони евра

Амбасадорите на ЕУ се согласија да стават уште четири руски медиуми на листата на санкционирани

Русија ја обвини Канада дека ги оправдува нацистичките злосторства

Песков: Белоусов e номиниран за министер за одбрана поради иновативноста и конкурентноста

(ВИДЕО) Руски медиуми: Автобус полн со луѓе падна во река во Санкт Петербург, има загинати

Горан Наумовски