Унгарскиот премиер Виктор Орбан го критикуваше Западот за справувањето со кризата меѓу Русија и Украина, велејќи дека војната можела да се спречи доколку Доналд Трамп бил претседател на Соединетите Американски Држави (САД) во тоа време.
„Да имаше сериозен претседател, како Доналд Трамп, тој ќе ја спречеше војната“, рече тој во интервју со водителот Бен Шапиро.
Зборувајќи за војната во Украина, тој изрази остри критики за справувањето на Западот со кризата, објаснувајќи дека Украина служела како тампон-зона меѓу Русија и НАТО сè додека западните лидери, со поддршка на САД, не се обиделе да ја интегрираат во западните воени и економски структури.
Тој, исто така, посочи на економската штета што војната ја предизвика на Европа.
Украинците немаат ни цент. Целата украинска армија е финансирана од Американците и Европа. Се уништуваме самите себеси. Инфлацијата расте. Цените на енергијата скокнаа наеднаш, рече Орбан, тврдејќи дека Унгарија имала право што повикала на мир и враќање во неутрална тампон-зона.
„Ова е економска катастрофа за Европа. Ни треба примирје. Ни треба мир“, рече Орбан.
Тој изрази длабока загриженост поради растечкото влијание на меѓународните организации, вклучително и Европската Унија, за која рече дека отстапила од својата првична намена.
„Брисел повеќе не е за координација на земјите-членки“, предупреди тој, истакнувајќи дека „станал центар на моќ… Франкенштајн“.
Тој ја обвини ЕУ дека користи правни алатки како оружје, како што се дневните казни, за да ја казни Унгарија за одбивањето да прими нелегални мигранти.
„Секој ден ни земаат милион евра како казна“, рече тој.
Што се однесува до странското влијание во домашната политика, Орбан го привлече вниманието на она што го нарече „сива зона“ на невладини организации, влијателни лица и тинк-тенкови кои го обликуваат јавното мислење без одговорност.
„Следете ги парите“, повика тој, нагласувајќи ја потребата од закони за транспарентност за да се утврди кој ги финансира политичките наративи во Унгарија.