Во Гватемала денеска ќе се одржат избори за шеф на државата, членови на националниот Конгрес и за органите на локалната самоуправа.
Во трката за претседател на оваа централноамериканска држава се 19 кандидати, но се очекува ниту еден од нив да не освои доволно гласови за победа во првиот круг. Во таков случај, вториот круг од претседателските избори ќе се одржи на 11 август.
Пласман во вториот круг се очекува со сигурност да обезбеди поранешната прва дама на Гватемала, Сандра Торес Казанова од социјалдемократската партија Национално единство за надеж (УНЕ), која, според анкетите, ужива поддршка на меѓу 20,2 и 22,6 отсто од избирачите.
Нејзин противкандидат во вториот круг би можел да биде Алехандро Ѓаматеи од десничарската партија Напред (Вамос), Едмонд Мулет од Хуманистичката партија на Гватемала (ПХГ) или Роберто Арзу од конзервативната Партија за национален прогрес (ПАН), кои може да се надеваат на околу 10 отсто од гласовите.
Казанова е сопруга на поранешниот гватемалски претседател Алваро Колом, кој ја извршуваше претседателската функција од 2008 до 2012 година.
Главни теми на кампањата за овие избори беа борбата против невработеноста, насилството, корупцијата и зголемените трошоци за живот.