Генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки-мун го најави вчера создавањето на специјална мисија на ОН за борба против епидемијата на ебола.
Во изјава пред Советот за безбедност на ОН Бан истакна дека мисијата ќе почне со работа кон крајот на овој месец.
– Ситуацијата без преседан бара мерки без преседан за спасување на животите и за обезбедување на мирот и безбедноста, изјави генералниот секретар на ОН.
Тој посочи пет задачи, кои ќе ги исполнува мисијата на ОН за итна реакција против еболата: запирање на епидемијата, излекување на заразените, обезбедување на главни медицински услуги, стабилизирање на ситуацијата и спречување на идното избивање на епидемијата.
Бан додаде дека мисијата ќе работи во тесна соработка со регионалните организации како Африканската унија и Економската заедница на земјите од Западна Африка.
Претходно вчера СБ на ОН едногласно ја усвои резолуцијата, предложена од САД, со која епидемијата на ебола во Африка е означена како закана за меѓународните мир и безбедност и се повикуваат сите држави итно да достават ресурси и помош за справување со кризата.
Според последните податоци на Светската здравствена организација бројот на жртвите на ебола во Западна Африка достигна 2.630 лица, а над пет илјади се заболени.