Советот за безбедност при Обединетите нации прогласи дека епидемијата на ебола во Африка е закана за меѓународниот мир и безбедност и ги повика сите држави да обезбедат итни ресурси и помош во борба против оваа болест.
-Петнаесетчленото тело на ОН едногласно ја усвои резолуцијата во која што се повикуваат сите држави да ги „укинат општите забрани за патувања и рестрикции за премин на границите, заведени како резултат на појава на епидемијата, што придонесува за изолација на загрозените држави“-пренесе „Ројтерс“.
САД во вторник наведоа дека планираат да испратат 3.000 војници во Западна Африка, како и да отворат 17 места за лекување на заболените. Генералниот секретар на ОН ја поздрави најавата на Вашингтон и ги повика другите држави да го следат овој пример.
Како што соопшти минатата недела СЗО, во Западна Африка од вирусот ебола до сега починаа речиси 2.500 лица а околу 5.000 се заболени.
Е. Г.