Омбудсманот на ЕУ, Емили О’Рајли, одлучи да отвори истрага поради изјави на еврокомесарката за демократија и демографија, Дубравка Шуица и отсуството на соодветна реакција од страна на Европската комисија, јави дописничката на МИА од Брисел.
Во писмо испратено до претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, О’Рајли ја потсетува шефицата на европската извршна власт дека не е прв пат да и препорача на ЕК дека нејзините членови треба да бидат повнимателни во однос на своите изјави поврзани за слободата на медиуми.
Случајот за кој се отвора истрага се однесува на интервју на хрватската еврокомесарка, Дубравка Шуица, која на почетокот на мај, на локална хрватска ТВ станица, јавно се произнела за критичко новинарски натписи. Анонимна хрватска граѓанка се обратила кај медијаторката О’Рајли со барање да се испита дали изјавите на Шуица го почитуваат Кодексот на однесување на ЕК.
По анализа на службите на омбудсманот на ЕУ, испратено е писмо до Европската Комисија, која одговорила дека еврокомесарката, и потпретседателка на Европската Комисија, Шуица, “целосно ја почитува слободата и плурализмот на медиумите“ и дека “немала намера да ја попречи независноста на телевизијата, ниту на новинарот“.
Омбудсманот, по консултација со тужителката, заклучила дека ЕК требала да заземе поцврст став во однос на одбраната на медиумските слободи.
Од овие причини се отвора истрага.
-Мојот истражен тим го ревидираше транскриптот на гостувањето на потпретседателката во шоуто како и медиумските извештаи кои се однесуваат на ова. Врз основа на овој транскрипт, потпретседателката признава дека гостинот “има право на свој став“, но се чини дека вели дека верува оти медиумите не треба да објавуваат изјави критични кон јавните личности. Се чини и дека таа сугерира дека радио станицата дозволува објавување на критички ставови за да си ја зголеми популарноста, стои во писмото на Емили О’Рајли до ЕК.
Таа истакнува дека слободата и плурализмот на медиумите се од врвна важност и дека секоја изјава која може да биде „сфатена“ како “обид за задушување на критичките медиуми треба да се избегнува“.
Канцеларијата на европската медијаторка сега очекува нов одговор од Европската Комисија за овој предмет до 27 јули оваа година. О’ Рајли бара од фон дер Лајен да и даде гаранции дека Кодексот на однесување се почитува од страна на еврокомесарите.
До медијаторката во меѓувреме пристигна нова поплака поврзана за појавувањето на фон дер Лајен и Шуица во изборната кампања на хрватската партија ХДЗ изминатиот викенд. Познавачите на правото на ЕУ нагласуваат дека ова претставува уште едно прекршување на Кодексот на однесување на Европската комисија.