Во невообичаено голема епидемија на чума на островот Мадагаскар досега починале 94 лица, соопшти денеска Светската здравствена организација (СЗО).
Бројот на заболени со симптоми достигна 1.153 лица, изјави директорот за итни операции на СЗО во Африка, доктор Ибрахима Соке Фол.
Според него, се очекува да се разболат уште повеќе луѓе, а во погодените области се испратени медицински тимови и повеќе од еден милион дози антибиотици.
Чумата е честа појава на Мадагаскар, но оваа година епидемијата е невообичаена, бидејќи ги зафати и двата најголеми града на островот – Антананариво и Туамасина.
Над 70 отсто од случаите се белодробна чума, која се шири преку кашлање, кивање или плукање и речиси секогаш е смртоносна, ако не се лекува. Во некои случаи, белодробната чума убива во рок од 24 часа.
СЗО соопшти дека ризикот за ширење на болеста во светот е мал и нема потреба од предупредувања за ограничување на патувања до островот или за трговски рестрикции.