Околу 100 луѓе, кои се водат како исчезнати, најверојатно загинаа при лизграње на земјиштето во Шри Ланка, соопштија денеска власти по неуспешната потрага по преживеаните лица.
Центарот за управување со катастрофи (ДМЦ) соопшти дека 67 тела се пронајдени во најпогодената област Кегале, каде 99 луѓе и понатаму се водат како исчезнати.
– Армијата ја продолжува потрагата, но нема надеж дека ќе бидат пронајдени преживеани луѓе, изјави портпаролот на ДМЦ Прадип Кодипили.
Спасувачката операција е попречена од постојаниот дожд во регионот.
Во поплавите, кои минатата недела беа предизвикани од обилните дождови ширум земјата, загинаа 37 луѓе, покрај тие што настрадаа во свлечиштата.
Владата на Шри Ланка соопшти дека над 600.000 луѓе се раселени поради поплавите и лизгањето на земјиштето, предизвикани од обилниот дожд, но поголемиот број се вратиле по намалувањето на нивото на водата.