Објавени тајни документи: Руската морнарица е обучена да напаѓа цели во Европа

Од:

Русија ја обучила својата морнарица да гаѓа локации длабоко во Европа со проектили способни да носат нуклеарни боеви глави во потенцијален конфликт со НАТО, според тајните документи што ги виделе новинарите на Financial Times.

Мапите на цели длабоко во Европа, како што се западниот брег на Франција и пристанишниот град Бароу-ин-Фернес во Обединетото Кралство, беа детални во презентацијата пред офицерите, направена пред руската инвазија на Украина, соопшти ФТ.

Истиот весник претходно пишуваше за податоци од 29 тајни руски воени досиеја, од кои се чини дека руските сили практикувале употреба на тактичко нуклеарно оружје во раните фази на конфликтот со голема светска сила.

Последните откритија од истиот сет на документи покажуваат дека Русија предвидува конфликт со Западот кој ќе се прошири многу подалеку од нејзината непосредна граница на НАТО, и дека планира серија напади низ Западна Европа. Документите на ФТ му ги покажаа западни извори.

Руските документи изработени меѓу 2008 и 2014 година вклучуваат листа на цели за ракети кои можат да носат или конвенционални боеви глави или тактичко нуклеарно оружје. Руските офицери ги нагласуваат предностите од користењето нуклеарни боеви глави во рана фаза.

Презентацијата, исто така, укажува дека Русија ја задржала способноста да лансира нуклеарно оружје од бродови, што според експертите носи значителни дополнителни ризици од ескалација или несреќи.

Во документот се наведува дека „способноста за маневрирање“ на морнарицата ѝ овозможува да изведува „изненадувачки и превентивни напади“ и „масивни ракетни напади од различни правци“ Се додава дека нуклеарното оружје „по правило“ е наменето да се користи „во комбинација со други средства за уништување“ за постигнување на руските цели.

Аналитичарите кои ги прегледаа документите рекоа дека тие се во согласност со проценката на НАТО за заканата од ракетни напади со долг дострел од страна на руската морнарица, но и со брзината со која Русија најверојатно ќе прибегне кон нуклеарната опција.

Мапите, кои беа направени за презентација, а не за оперативни цели, илустрираат примерок од 32 цели на НАТО во Европа за руската поморска флота.

Целите на руската балтичка флота се главно во Норвешка и Германија – вклучувајќи ја поморската база Берген, како и радарски локации и објекти на специјалните сили.

Руската Северна флота треба да цели на одбранбено-индустриски цели, како што е бродоградилиштето за подморници во Бароу-ин-Фернес во северозападна Англија. Целта во близина на Хал би можела да биде индустриска локација, означена е со оџак.

Презентацијата исто така илустрира како руската доктрина може да се примени во можни војни во Црното Море, Каспиското Море и Пацификот. Сценаријата вклучуваат војни со сегашните сојузници, како што се Кина, Иран, Азербејџан и Северна Кореја.

Вилијам Алберк, поранешен функционер на НАТО, кој сега работи за тинк-тенк центарот Стимсон, рече дека примерокот е мал дел од „стотици, ако не и илјадници цели мапирани низ Европа вклучувајќи воени и критични инфраструктурни цели“.

Капацитетот на Русија да напаѓа низ Европа значи дека цели ширум континентот ќе бидат загрозени доколку нејзината војска се судри со силите на НАТО во земјите од фронтот, како што се балтичките држави и Полска, велат аналитичарите и поранешните официјални лица.

„Нивниот концепт за војна е тотална војна“, вели Џефри Луис, професор на Институтот за меѓународни студии Мидлбери во Монтереј, кој ја проучува контролата на оружјето. „Тие ги гледаат овие работи (тактички нуклеарни боеви глави, оп.а.) како потенцијално оружје за војна“, додаде тој. „Тие ќе сакаат да ги користат, и тоа многу брзо“, рече тој.

Тактичкото нуклеарно оружје, кое може да се испорача со проектили од копно или море или од авион, има помал дострел и е помалку деструктивно од поголемите „стратешки“ оружја дизајнирани да ги таргетираат САД. Сепак, тие сè уште можат да ослободат значително повеќе енергија од онаа фрлена на Нагасаки и Хирошима во 1945 година.

Би можело да ве интересира

Зеленски: На повидок е крајот на војната

Путин потпиша нов закон, простени долгови секому што ќе се пријави да оди во војна

ВИДЕО: Каква е руската хиперсоничната ракета „Орешник“ и колку е опасна

НАТО соопшти за што разговарале Руте и Трамп

ВИДЕО: Украина загуби над 40 отсто од територија во Курск, Русите напредуваат во Донецк

Трамп размислува да го именува Ричард Гренел за специјален пратеник за руско-украинскиот конфликт