Новиот претседател на Уругвај, Табаре Васкес денеска положи заклетва на функцијата, враќајќи се на власт по 10 години откако првпат ја доведе левицата на чело на државата. Со ова, денеска официјално заврши петгодишниот мандат на досегашниот претседател Хосе Мухика.
Откако положи заклетва пред Парламентот, Васкес повика на национален дијалог во момент кога партиите кои долго доминираа со уругвајската политика, Белите и Обоените, заздравуваат од серијата победи на Широкиот фронт, на кој му припаѓа и претходникот Мухика.
-Ние можеме и мораме заеднички да ги анализираме и да разговараме за различните патишта за обезбедување на најдоброто државно образование за нашите граѓани, квалитетна здравствена заштита за сите, достоинствено станување, рече новиот уругвајски претседател.
Васкес, кој е доктор онколог, исто така, вети подобрувања во инфраструктурата, социјалната заштита и образованието, а најави и војна против алкохолот наведуваат француските медиуми.
Во текот на првиот претседателски мандат (2005-2010) тој водеше жестока борба против тутунот.
Васкес (75), кој е многу поумерен од Мухика, критикуваше некои од неговите реформи, вклучувајќи го и се уште неприменетиот план за продажба на марихуана во аптеките, што е клучен елемент од новиот закон за канабис.
Во говорот на државната телевизија, новиот претседател не го спомена законот за марихуана што беше усвоен во декември 2013 година.
Во Уругвај исто лице не може да биде претседател на државата во два мандата по ред, така што Мухика, поранешниот герилец познат и по легализацијата на геј браковите и на абортусот, власта му ја предеде на својот претходник и партиски колега од Широкиот фронт.
Васкес и Мухика повремено се судираа внатре во партијата и Васкес во декември го објави составот на новата Влада не консултирајќи се со него.
Васкес освои 53,6 отсто од гласовите во вториот круг од претседателските избори, што се одржаа на 30 ноември.