Новиот либиски Парламент ги повика „сите завојувани страни, без исклучок, да стапат во неодложно и безусловно примирје под надзор на ОН и да ги прекинат секое насилство и напади врз цивили и цивилни области“, јавија денеска американските медиуми.
Во Либија траат судири меѓу владините сили и групите на поранешните бунтовници и исламисти, кои веќе трета година одбиваат да го предадат оружјето, а борби се водат во главниот град Триполи и во вториот по големина град Бенгази.
Американските медиуми наведуваат дека овие милиции се засилија по соборувањето од власта и убиството на поранешниот долгогодишен лидер на Либија, Моамер ел-Гадафи, во 2011 година.
Во денешното соопштение се наведува дека вчеравечер во градот Тобрук, на истокот на земјата, каде од безбедносни причини заседава либискиот Парламент, пратениците усвојиле измени на претходната уставна декларација, проширувајќи ги овластувањата на Парламентот, што треба да помогне во зауздување на милициите кои се оттргнаа од контролата.
Владите на соседните Египет и Алжир, како и САД, изразија „длабока загриженост“ заради насилството во Либија и можните последици врз регионот, наведуваат американските медиуми.
Во соопштението по состанокот на нивните претставници упатен е повик за неодложен прекин на огнот и за дијалог, и изразено е спротивставување на „надворешното мешање во либиската транзиција“.
Во Либија во понеделникот, на 4 август, се оддржа конститутивната седница на новиот состав на Собранието, а еден ден подоцна за нејзин претседател беше избран независниот кандидат и долгогодишен судија Акил Салех Иса.
-Ќе му докажеме на светот дека Либија не е бесперспективна држава, рече еден од пратениците на првата седница.
Мисијата на ОН во Либија го поздрави формирањето на новиот состав на Парламентот, по изборите оддржани на 25 јуни, истакнувајќи дека тоа покажува дека либискиот народ сака држава темелена на правото и законите, како и почитување на човековите права.