Нови масовни протести и штрајкови ширум Франција заради пензиската реформа

Од:

Десетици илјади демонстранти денеска повторно протестираа низ Франција поради најавената реформа на пензискиот систем, а новите штрајкови предизвикаа нарушувања во работата на јавниот транспорт и училиштата и снабдувањето со струја, нафта и гас.

Третиот бран демонстрации против пензиските реформи се случи еден ден откако членовите на францускиот Парламент почнаа да расправаат за законот со кој ќе се зголеми старосната граница за пензионирање од 62 на 64 години. Овој предлог-закон е клучен акт, чие усвојување сака да го постигне францускиот претседател Емануел Макрон за време на неговиот втор мандат.

Десетици илјади луѓе протестираа денеска во Ница, Марсеј, Тулуз, Нант и Париз, каде имаше многу млади демонстранти.

Властите проценија дека минатата недела демонстрираа 1,27 милиона лица, што е повеќе од првите протести против пензиските реформи, одржани на 19 јануари низ целата земја. За сабота се најавени нови демонстрации, на кои повикаа осум водечки француски синдикати.

Денешните штрајкови доведоа до сериозни прекини во железничкиот сообраќај, а беа погодени и меѓународните линии кон Велика Британија и Швајцарија, како и париското метро.

Протестното движење доведе до проблеми и во снабдувањето со електрична енергија, но струјата не беше исклучена.

Француското Министерство за образование соопшти дека околу 13 отсто од наставниците стапиле во штрајк, што е помалку од денот на протестот од минатата недела.

Макрон вети дека ќе продолжи со спроведувањето на пензиската реформа, иако анкетите покажуваат дека се поголем број граѓани се против.

Предлог-законот предвидува постепено зголемување на старосната граница за пензионирање на 64 години до 2030 година, но и 43 години стаж за остварување на правото на целосна пензија.

Владата тврди дека реформата е неопходна за да се задржи солвентноста на пензискиот систем, имајќи предвид дека француското население во просек е се постаро.

Дебатата за законот во парламентот се очекува да трае неколку недели. Опозициските пратеници предложија повеќе од 20.000 амандмани на законот, од кои повеќето беа поднесени од левичарската коалиција НУПЕС.

Би можело да ве интересира

Монд: Франција и Велика Британија ја разгледуваат можноста за заедничко испраќање војници во Украина

Франција и Британија и дозволија на Украина да употреби ракети со долг дострел за да ја таргетира Русија

(ВИДЕО) Заврши заложничката криза во Париз: Заложниците ослободени, киднаперот уапсен

Горан Наумовски

Заложничка криза во близина на Париз, маж заробил луѓе во ресторан: Голем број полицајци на улица

Мајка убила три деца затоа што сакала да му се одмазди на својот партнер

Трагедија во Франција: Мајка е осомничена дека избоде три деца до смрт