Новата вакцина против еболата, испитана на илјадници заразени во Гвинеја, се покажа како ефикасна заштита во 100 отсто од случаите и би можела да го запре ширењето на смртоносниот вирус, соопшти денеска Светската здравствена организација.
Во соопштението се наведува дека досегашните резултати од тестирањето на вакцината VSV – ZEBOV на повеќе од 4000 лица кои биле во контакт со заразени, покажале ефикасност од 100 отсто, само десет дена по примањето.
Резултатите од испитувањето се „извонредни“ и го менуваат текот на играта, оценуваат здравствените авторитети.
– Веруваме дека светот е на прагот на пронаоѓање ефикасна вакцина против ебола, истакна стручњакот за вакцини при СЗО Мари Паул Кини, на прес-конференција во Женева.
Користењето на вакцината може да помогне при запирањето на епидемијата на вирусот Ебола, кој од декември 2013 година усмрти повеќе од 11.200 лица на западот на Африка.