Премиерката на Нов Зеланд Џасинда Ардерн ја откажа својата венчавка откако воведе нови епидемиолошки ограничувања, соочена со ширењето на омикрон сојот на Ковид-19 во земјата.
Нов Зеланд од недела на полноќ воведе правила за маски и ги ограничува собирањата бидејќи девет позитивни случаи покажаа дека дошло до локална трансмисија на новата варијанта на вирусот.
Станува збор за семејство кое се вратило во Нелсон на Јужниот остров откако било на свадба во Окленд на Северниот остров, но и на други настани. Членовите на семејството и стјуардесите од авионот со кој патувале се покажале позитивни.
Островската држава од полноќ во недела преминува во црвено, највисоко ниво на тревога, што значи повеќе носење маски и ограничување на собирите на 100 целосно вакцинирани лица во затворени угостителски објекти како што се барови и ресторани и на настани како што се свадби.
Премиерката на прес-конференцијата рече дека црвеното ниво не значи локдаун и дека жителите сепак ќе можат да ги посетуваат семејството и пријателите и да патуваат низ земјата.
За нејзината венчавка таа рече дека нема да се одржи, додавајќи дека жали за секој што доживеал слично сценарио. На прашањето што мисли за откажувањето, таа рече „Таков е животот“. Ардерн заклучи дека не се разликува од илјадници други жители на Нов Зеланд кои претрпеле многу потешки последици.