Околу 630.000 Либијци денеска гласаа на парламентарните избори во земјата, соопштија светските агенции, цитирајќи ја Врховната изборна комисија.
Изборите беа одбележани со насилство, главно во Бенгази, каде тројца војници беа убиени при судир со исламистичка група, посочуваат француските медиуми.
Непознати лица со качулки на главите и облечени во воени униформи упаднале во домот на локална адвокатка и активистка во Бенгази и ја убиле со огнено оружје, посочи припадник на безбедносната служба, кој посакал анонимност.
Жртвата е либерална феминистка, која во 2011 година активно учествувала во револуцијата, што доведе до падот на режимот на Моамер Гадафи, и подоцна била вицепретседател на Комитетот за подготовка на националниот дијалог во Либија.