Владата на Никарагва ја определи трасата за 280 километри долгиот канал, меѓу устието на реката Брито на пацифичкиот брег и реката Пунто Горда која се влева во Карипското Море.
Новиот воден пат, што ќе ја пресекува Централна Америка треба да биде канал „близнак“ на постоечкиот Панамски Канал и негова силна конкуренција за бродските патувања меѓу Тихиот Океан и Атлантикот.
Според сегашните проценки, овој голем финанско-градежен проект треба да чини 40 милијарди долари.
Во проектот покрај никарагванската Влада се вклучени и моќни градежни и финансиски компании од Хонг Конг.
Трасата предвидува, каналот да минува низ Никарагванското Езеро кое е најголемо во Централна Америка. Ширината на овој воден пат ќе се движи меѓу 230 и 520 метри, а длабочина ќе изнесува 27,6 метри.
Конечната студија за целиот проект треба да биде завршена следните месеци, за да може да се почне со градежните работи во текот на декември.
Во тек е работата на испитувањето на последиците за човековата околина, како и за социјалниот ефект врз населението и целиот регион по кој ќе минува новиот канал.
Противниците на неговата изградба се загрижени за судбината на Никарагванското Езеро кое сега ќе се претвори во пловен пат по кој ќе минуваат голем број бродови од најразлична големина.
Експертите стравуваат од загадување на сега чистата езерска вода која досега беше глаен извор на свежа вода во Никарагва, а посебно за сиромашните слоеви во оваа земја.
Изградбата на новиот канал меѓу Пацификот и Атлантикот треба да сезаврши до 2019 година, а првите бродови да почнат да сообраќаат од 2020 година.