Непријателските групации во Либија се договорија да продолжат да работат на создавањето Влада на националното единство, како дел од политичкото решение за стабилизирање на оваа северноафриканска држава, разединета од беззаконие и вооружен конфликт, наведе мисијата на ОН во Либија, цитирана од американските медиуми.
Во денешното соопштение на мисијата (UNSMIL) се вели дека во Женева завршиле дводневните преговори меѓу непријателските групи во земјата, под патронат на ОН. Учесниците во преговорите, исто така, се договориле сите вооружени групи да се повлечат од либиските градови. Тие разгледале и „мерки за градење доверба”, вклучувајќи го и ослободувањето заробеници, отворање на затворените пристаништа и гарантирање на безбедното и слободно движење.
-Во Женева беа поканети сите страни, кои презедоа ангажман Либија по мирен пат да стане стабилна и демократска држава, забележа специјалниот пратеник за Либија на генералниот секретар на ОН и шеф на мисијата Бернардино Леон, цитиран од француските медиуми.
Новиот круг од преговорите е предвиден за следната недела. На него ќе бидат поканати да учествуваат и други непријателски групи, вклучувајќи ги и оние кои досега ги бојкотираа.