Суданската христијанка Мерием Јаиха Ибрахим Ишаг, која е осудена на смртна казна заради отпадништво од верата, во следните неколку дена ќе биде ослободена, соопштија вчера судански официјални претставници.
-Госпоѓата ќе биде ослободена во следните денови во согласност со законската процедура што ќе ја спроведе правосудството и Министерството за правда, рече потсекретарот во министерството за надворешни работи Абдула ел Азрак, кој не изнесе други детали за постапката, пренесоа француските медиуми.
Случајот на христијанката Ишаг (27), која на 15 март беше осудена на смртна казна врз основа на строгиот шеријатски закон, предизвика осуда од меѓународната заедница, која побара пресудата да биде поништена.
Ишаг пред пет дена се породи во женскиот затвор во Омдурман. Нејзиниот сопруг, американскиот државјанин Даниел Вани, во четвртокот ги посети Ишаг и бебето и изјави дека се со „добро здравје“.
Ишаг е осудена на смрт со бесење бидејќи не сакала да се откаже од христијанството. Нејзиниот татко е муслиман, мајката христијанка, а според суданскиот закон секој чиј татко е муслиман автоматски е муслиман.
Суданското кривично законодавство преминувањето на муслиман во друга вера го казнува со смрт.