Непознати вооружени лица го нападнаа нафтеното наоѓалиште Мабрук во Централна Либија, соопшти денеска портпарол на либиската Национална нафтена корпорација (НПК).
Според портпаролот Мохамед ел Харири, нападот бил извршен во текот на минатата ноќ. Тој не објави повеќе детали за инцидентот.
Дипломатски извор во Париз објави дека во нападот најверојатно се убиени четири лица од локалниот персонал. Во Мабрук нема француски државјани и таму работат само службеници ангажирани од либиска фирма.
Производството во Мабрук, кој се наоѓа јужно од градот Сирт, беше прекинато за време на борбите меѓу фракциите, што во декември доведе до затворање на нафтеното пристаниште Сидер. Француската компанија „Тотал“ го експлоатира Мабрук заедно со државната НПК.
Сирт е упориште на исламската група „Ансар ал Шарија“. Регионот често е арена на судири меѓу вооружени групи за воспоставување контрола врз крајбрежниет нафтени терминали Сидер и Рас Лануф.