Поддршката на холандските гласачи за излегување на Холандија од Европска унија изминатите месеци, е намалена за осум отсто и сега изнесува околу 25 отсто, покажува најновото испитување на јавното мислење.
Во текот на кампањата за Брегзит во Велика Британија и набргу по тамошниот референдум од 23 јуни, процентот на поддршката за Негзит достигна до една третина од холандското гласачко тело, но поддршката постојано се намалува, откако стана јасно дека излегувањето од Унијата е потешко и покомпликувано отколку што дел од гласчите мислеа, откако Британците се определија да и свртат грб на Европа.
Истражувањата и анкетите откриваат дека Холанѓаните, посебно во аграрот и во малиот бизнис, сега стравуваат дека губењето на толку голем пазар, каков што е оној на ЕУ, може да биде погубен за домашната економија.
Холандија е потписник на Римскиот договор од 1957 година, со кој е создадена Европската економска заедница (ЕЕЗ), темелот на денешната ЕУ и заедно со Белгија, Луксембург и поголемите Франција, тогашна Западна Германја и Италија, се основата на евроинтеграциите.
Опаѓањето на поддршката за Негзит, доаѓа пред парламентарните избори во Холандја, предвидени за 15 март.
Рејтингот на партиите покажува дека крајнодесничарската Слободарска партија (ПВВ) на Герт Вилдерс, може да освои најмногу пратенички места, иако недоволно и да фирмира влада.
Едно од неговите главни заложби во кампањата е излегувањето на Холандија од ЕУ, по примерот на Велика Британија.
Вилдерс важи за голем поддржувач на новиот американски претседател Доналд Трамп и неговата одлука да им забрани влез на државјаните на седум муслимански земји.
Крајно десничарскиот холандски политичар вели дека доколку победи, ведаш ќе изврши деисламизација на Холандија, ќе забрани влегување имигранти од исламските земји, ќе го забрани Куранот, нема да дозволува жените да одат забрадени на јавни места и ќе ги затвори сите џамии и исламски училишта, а ке ги депортира сите криминалци со двојно државјанство.
Неговата тврда, антиисламска политика, предизвка пред неколку години тој да биде вратен назад од аеродромот во Лондон, откако Британија не му дозволи влез во земјата, за да одржи предавање пред приврзеници на десничарската, антиевропака и антиимигрантска Партија за независност на Обединетото Кралство (УКИП).
Истражувањата меѓу Холанѓаните покажуваат дека тој и натаму ја има поддршката на мнозинството домашни гласачи, на кои им пречи што Холандија „го губи својот лик“ од имигрантите кои не се вклопуваат во холандското општество.
Имигрантите сега сочинуваат околу 30 отсто од вкупното население на земјата.
Актуелниот премиер Марк Руте, лидер на владејачката десницентристичка Либерална партија, минатиот месец во платен напис во сите домашни весници, порача дека имигрантите мора да го прифатат животот во Холандија, а доколку тоа не се подготвени да го направат ќе треба да си заминат.