Најмалку седум мигранти загинаа крај либискиот брег, а стотина други се водат за исчезнати по превртувањето на нивниот гумен чамец, информира организацијата „Лекари без граници“, цитирана од ТАСС.
На спасувачкиот брод на „Лекари без граници“ успеале да се качат 27 преживени лица .
„Лицата кои сега се на бродот „Аргос“, пред тоа се наоѓале во гумен чамец, заедно со 130 други лица. Тие се единствените преживеани. Оваа трагедија е неподнослива“, информира организацијата „Лекари без граници“ на Твитер, додавајќи дека ги собрала телата на седуммина загинати мигранти.
Територијата на Либија одамна се користи како најголем транзитен пункт за прилив на мигранти кои се насочуваат од Африка кон Европа во потрага по работа и подобра судбина. Во последните години од владеењето на Моамер ел-Гадафи властите успеаја малку да го намалат приливот на нелегални мигранти. Во 2010 година оваа земја незаконската миграција дури ја прогласи за тежок криминал, но по соборувањето на Гадафи приливот на мигранти кон Европа постојано се засилуваше, потсетува ТАСС.
Во последните 2,5 дена, во четири одвоени бродски несреќи, околу 340 мигранти загинаа или исчезнаа во водите на Средоземно Море, соопшти италијанскиот портпарол на Меѓународната организација за миграција Флавио ди Џакомо, цитиран од американските медиуми.