Бројот на бегалци, што загинаа откако бродот со кој планирале да одат во Австралија потона, е зголемен на 11, додека спасувачите ја продолжуваат потрагата по преживеани во морето кај Индонезија.
Претставник на локалната полиција Ахмад Суприџатна изјави дека денеска се пронајдени уште две тела од потонатиот брод кај островот Јава.
Според Суприџанта, досега се спасени 189 патници од бродот. Меѓу загинатите се шест деца и една бремена жена.
Засега се уште не се знае колку патници имало на претоварениот брод. Полицијата смета дека во стариот брод имало 200 лица, додека еден од бегалците рекол дека имало 250 главно од Шри Ланка кои планирале да бараат азил во Австралија.