Кинеските здравствени власти ја објавија досега најголемата студија од почетокот на епидемијата на Ковид-19 во која е утврдено дека болните и старите лица се најризични групи, и истакнуваат дека повеќе од 80 проценти од заразените случаи се квалификуваат како умерени.
Податоците од кинескиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦЦДЦ) покажуваат дека над 80 проценти од случаите на зараза се поврзани со болни и стари лица.
Вкупната смртност од Ковид-19 е 2,3 проценти, се вели во студијата, и се додава дека во најтешко погодената провинција Хубеи, смртноста е 2,9 проценти во однос на само 0,4 отсто во остатокот од земјата.
Со студијата на ЦЦДЦ опфатени се 72.314 случаи низ Кина до 11 февруари, вклучувајќи потврдени, сомнителни и асимптоматски случаи на коронавирусот.
Истражувањето заклучува дека 80,9 проценти од инфекциите се класифицирани како умерени, 13,8 проценти сериозни, а само 4,7 проценти се критични.
Највисока стапка на смртност е меѓу луѓето на возраст над 80 години и постари.
Нема смртни случаи кај деца до девет години, а кај возрасните до 39 години стапката на смртност е ниски 0,2 проценти.
За луѓето во четириесеттите години, стапката на смртност изнесува 0,4 проценти, во педесеттите 1,3 проценти, во шеесеттите 3,6 и во седумдесеттите осум проценти.
Мажите се позагрозени, со стапка на смртност од 2,8 проценти, додека стапката на смртност кај жените изнесува 1,7 отсто.
Од постоечките болести кои го загрозуваат заразениот пациент на прво место се кардиоваскуларните заболувања, а потоа се дијабетес, хронична респираторна болест и хипертензија.
Според кинеските власти, досега оздравеале над 12.000 луѓе.
Студијата исто така предупредува на висок ризик за медицинскиот персонал. Заразени се вкупно 3.019 здравствени работници, а до 11 февруари, последниот ден опфатен со студијата, починале петмина.
Според најновите официјални бројки од Кина, починале 1.868 лица, а заразени се 72.436 лица.
Вчера починале 98 лица, а потврдени се 1.886 нови случаи, од кои 93 починати и 1.807 заразени во провинцијата Хубеи, епицентарот на епидемијата.
Студијата наведува дека трендот на опаѓање на кривата на епидемијата може да значи дека преземените мерки, како што се изолација на цели градови, објавување на совети за борба против инфекцијата – миење раце, носење маски – и мобилизирање на тимови за брза реакција, даваат резултати.
Авторите на студијата, сепак, предупредуваат дека поради враќањето на луѓето од долгите празници, земјата „треба да се подготви за евентуално враќање на епидемијата“.
Кинескиот одговор на кризата вклучува блокирање на Вухан, најголемиот град во провинцијата Хубеи и остатокот од провинцијата, а во сила се и ограничувањата во сообраќајот низ делови од земјата.
Вирусот сепак се прошири и надвор од Кина и на два крузери.
Крузерот „Дајмонд Принцес“ од 3 февруари е во карантин во јапонското пристаниште Јокохама, откако кај еден човек од Хонг Конг беше потврден коронавирусот. Заразени се повеќе од 450 луѓе од 3.700 лица кои се наоѓаат на бродот.
На друг крузер „МС Вестердам“, не му беше дозволено да се закотви во повеќе земји, поради страв од ширење на Ковид-19. На бродот му беше дозволено да се закотви во Камбоџа затоа што немаше случаи на зараза. Патниците ги пречека премиерот Хуин Сен, и никој не заврши во карантин.
Неколку дена подоцна, една жена од крузерот била позитивна на Ковид-19 кога стигнала во Малезија. Се преземаат големи напори во потрагата по патници кои отпатувале во Малезија и на Тајланд, во Канда и САД.
На Вестердам се уште има 255 патници и 747 членови на екипажот, а повеќе од 400 патници се пренесени во хотел во Пном Пен каде што чекаат резултати од тестирање на Ковид-19.