Поранешниот уругвајски претседател Хозе Мухика, познат како „најсиромашниот претседател на светот“, бидејќи 90 отсто од своите примања им ги даваше на сиромашните, изјави денеска дека некои од најистакнатите историски личности биле левичари, меѓу кои и Исус Христос.
– Историјата на човештвото е нишалка, која постојано се ниша меѓу две спротивности, политичката левица и десница. Мислам дека левицата никогаш нема да може да оствари целосна победа, како што тоа нема да може да го постигне ниту десницата, истакна Мухика во интервју за рускиот сајт РТ.
Тој го опиша левичарското движење како тенденција кон „еднаквост и праведност“, која е во константна борба со другата страна, конзервативната, која се противи на промени и тежи кон стабилност.
Мухика истакна дека ниту едната, ниту другата страна не се совршени.
– Патологијата на десничарската идеологија е нивниот конзервативизам, кој се врти кон фашизмот. Од друга страна проблемот на левичарскиот прогресивизам е тоа што е инфантилен и го карактеризираат убави желби, кои тешко може да се остварат, додаде тој.
– Од оваа перспектива можеме да кажеме дека индискиот крал Ашока бил левичар, како и воениот и политичкиот лидер на старите Грци, Епаминонда и римските реформатори браќата Грах, како и Исус, истакна поранешниот уругвајски претседател.
Мухика, кого го викаат Пепе, беше претседател на државата од 2010 до 2015 година, а кога ја напушти таа позиција имаше поддршка од дури 65 отсто од граѓаните.