Американски воен експерт по исламски екстремизам коj сведочел на судењето против Бредли Менинг, изјави дека е можно членови на Ал каеда да ги употребиле доверливите информации кои беа објавени преку Викиликс, и со нив да планирале напади врз американските сили. Тој, сепак, прецизирал дека нема докази дали тоа навистина се случило.
Капетанот на военопоморските сили Јусеф Абул-Енеин, автор на книгата „Идеологија на исламистичките екстремисти“ и советник во центарот на борба против тероризмот на Пентагон, истакна дека по истечената информација има „илјадници извештаи за масовни воени дејности“.
– Имајќи го предвид досегашното користење од страна на Ал каеда на материјали за обука добиени од противникот, тие би можеле потенцијално да откријат некаков модел на однесување на американските воени сили, изјави Абул-Енеин.
Според него, потоа, членови на Ал каеда би можеле да разработат контрамерки и да планираат заседи. Експертот во исто време призна дека сведочењето на процесот се потпира само врз претпоставки.
Менинг може да добие 90 години затвор за предавање на над 700.000 документи на сајтот Викиликс додека работел како аналитичар за разузнавачки информации во Ирак во 2010 година.