Вкупно 14.000 избегани затвореници од различни центри за издржување казни во Либија по бунтот од 2011 година против режимот на Гадафи и натаму се на слобода, соопшти либискиот министер за внатрешни работи Мохамед Калифа аш Шеих, цитиран од француските медиуми.
Според него, оваа ситуација ја заострува несигурноста во земјата. Министерството за внатрешни работи, заедно со правосудството, работат да ги вратат бегалците во затвор, каде треба да ги одлежат своите казни, дополни Калифа аш Шеих.
Во либиските затвори редовно има бегства, главно заради неспособноста на новите власти да формираат армија и полиција од професионалци, како и да ја засилат безбедноста на затворите.
На 26 јули од затворот во Бенгази избегаа 1.200 затвореници. Десетици затвори во земјата се уште не се под контрола на државата и се управуваат од поранешни бунтовници, кои се бореле против Моамер Гадафи и сега не се колебаат да влезат во конфликт со властите, кога ќе проценат дека интересите им се загрозени, забележуваат француските медиуми.