Американската биотехнолошка компанија „Модерна“ бара одобрување за употреба на својата вакцина против Ковид-19 кај тинејџери во Европската унија и Канада.
Компанијата тврди дека ова е поттик за кампањите за вакцинација на почетокот на летото.
„Модерна“ соопшти дека планира да поднесе барање за итно одобрување до Администрацијата за храна и лекови во САД, каде вакцината на „Фајзер/Бионтек“ веќе се администрира на адолесценти од 12 години и постари.
„Поднесовме барање за одобрение за ставање во промет на нашата вакцина против Ковид-19 од Европската агенција за лекови за употреба кај адолесценти во Европската унија. Охрабрени сме што вакцината на Модерна е многу ефикасна во спречување на инфекции со Ковид-19 кај адолесцентите“, изјави извршниот директор на „Модерна“, Стефан Бансел.
„Модерна“ со две дози е околу 90 отсто ефикасна против симптоматскиот Ковид-19 и 95 отсто ефикасна во спречувањето тешка форма на болеста.