Мнозинството деца во Европа сакаат мир, грижа за животната средина и еднаквост

Од:

Две третини од децата и младите во Европа имаат позитивни чувства кон мигрантите, додека најголем страв им е безработницата.

Ваквите резултати, како што јави дописничката на МИА од Брисел, се дел од анкетата спроведена од страна на Детскиот фонд на ОН (УНИЦЕФ) и Еврочајлд, насловена “Каква Европа сакаат децата“.

Дури 68 отсто од децата се позитивно расположени кон врсниците од различна националност кои живеат во нивните земји, покажува истражувањето.

Најголем страв за децата и младите, односно за 53 отсто, е дека нема да најдат работа. Овој страв е најизразен кај децата во Шпанија, Италија, Бугарија и Србија, но и во други европски земји, и тоа од најрана возраст, на околу десет години.

По невработеноста, најголем страв за децата и младите се можноста од војни и терористички напади (48 отсто), а потоа климатските промени (41 отсто).

Децата бараат училиштата да станат побезбедни места, каде „никој не е третиран лошо затоа што е различен“ и бараат и да му се стави крај на врсничкото насилство (булинг).

Тие се загрижени и за насилството што го има на интернет, па така 47 отсто од децата и младите одговориле дека се загрижени што луѓето можат да постираат видеа и да кажуваат „лоши работи“ за нив на интернет.

Вкупно 37 отсто од децата се плашат дека на интернет може да се дознаат работи за нив кои тие не сакаат да ги откријат, додека 33 проценти стравуваат од тоа дека луѓето со кои „четуваат“ на интернет се со лажен идентитет.

Анкетата открива и дека децата и младите најчесто не се чувствуваат сослушни, ниту од родителите, ниту во училиштата, ниту пак од страна на градските власти.

Само три отсто од децата кои одговориле на анкетата не знаеле што е Европската Унија. Другите од ЕУ очекуваат три главни работи: да го чува мирот, да ја заштити животната средина и да обезбеди еднаков третман за сите.

Анкетата е спроведена со околу 14.000 деца и млади во 23 европски земји.

– Денес има 100 милиони деца и адолесценти во ЕУ чиј глас треба да биде слушнат за одлуките од иднината, изјави Шарлот Петри Горницка, заменик директорка на УНИЦЕФ.

Би можело да ве интересира

УНИЦЕФ ги повика талибанците да дозволат девојчињата да се вратат на училиште

ВИДЕО: Погодено возило на УНИЦЕФ на влезот на Газа

Терористите на ИСИЛ влегуваат во Европа преправајќи се дека се Украинци

Според Индексот на човечки развој Југоисточниот регион на земјава најнеразвиен во цела Европа

УНИЦЕФ: Најмалку 17.000 деца во Газа се одвоени од своите семејства

EУ стравува од терористички напади, најголемата закана се напаѓачите „волци“