Премиерот на Белгија, Шарл Мишел денеска го извести претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, дека неговата Влада не е подготвена да го потпише Договорот за слободна трговија меѓу Европска унија и Канада (ЦЕТА).
Белгија не може да го потпише Договорот поради спротиставувањето на регионалната Влада на Валонија. Претходно, валонскиот Парламент, каде мнозинство се социјалистите, две-третини од пратениците се изјаснија против ЦЕТА.
ЕУ ја повика Белгија до вечер да објави дали ќе го потпише Договорот бидејќи ако не го потпише нема да се одржи самитот за потпишување на Договорот за слободна трговија меѓу ЕУ и Канада, што е предвиден за 27 октомври во Брисел.
Белгија е единствена од 28 земји-членки на ЕУ која го нема потпишано ЦЕТА, договор што се однесува на повеќе од 500 милиони Европејци, бидејќи го блокира Валонија, која има 3,6 милиони жители.
Белгија има седум парламенти и кога се потпишуваат некои меѓународни договори секој мора да го ратификува.
За потпишување на ЦЕТА, ЕУ треба да има одобрување од сите 28 земји-членки.