Главниот преговарач на Европската унија за Брекзит Мишел Барние изјави дека клучните точки од британскиот план за трговските односи меѓу ЕУ и Велика Британија по нејзиното излегување од Унијата „не се прифатливи“.
Според Барние, ЕУ нема да го прифати предлогот на Лондон за создавање на зона за слободна трговија на индустриски производи и за тоа Велика Британија да може да наплаќа царини за производите наменети за ЕУ, кои влегле на нејзината територија.
Тоа „ќе го стави под прашање интегритетот на заедничкиот пазар и не е предмет на дискусија”, истакна Барние пред членовите на комисијата за Брекзит на Домот на општините.
И Лондон и Брисел не сакаат повторно воведување граничните контроли поради загриженоста дека така ќе биде загрозен кревкиот мир во Северна Ирска. Но тие имаат различна визија за тоа како да се избегне обновувањето на границите меѓу Ирска и Северна Ирска по Брекзит.
ЕУ предложи Северна Ирска да остане дел од царинската унија и заедничкиот пазар по Брегзит, но владата на Тереза Меј се спротивстави на оваа идеја, со образложение дека така ќе биде загрозен територијалниот интегритет на Велика Британија.
Мишел Барние предупреди дека ако не биде договорен посебен режим за Северна Ирска нема да има договор.