Сите 26 министри на Шри Ланка поднесоа оставка, по протестите поради големата економска криза, јави Би-Би-Си.
Премиерот Махинда Рајапакса, како и неговиот брат, претседателот Готабаја Раџапакса, не се одлучија на овој чекор.
Меѓу оние кои поднесоа оставка е и синот на премиерот, Намал Раџапакса.
Во текот на вчерашниот ден, многумина му пркосеа на полицискиот час и излегоа на улиците за да протестираат.
Земјата се бори со голема економска криза – жителите немаат струја по 12 часа, па и повеќе, има недостиг на храна, лекарства и на гориво.
Демонстранти, кои тврдат дека претседателот и неговото семејство се виновни за ситуацијата во која е доведена земјата, не се задоволни со тоа што тој ќе остане на функцијата.
Во четвртокот се протестираше и пред домот на претседателот Готабаја, полицијата употреби солзавец врз демонстрантите. Локални медиуми јавија дека демонстрантите се обидувале да ги отстранат барикадите, како и дека запалиле автобус.
Извештаи околу тоа како претседателот и министри се изземени од прекините на струјата, заедно со раскошното прикажување на богатството од страна на членови на семејството, само го зголемија гневот, јави Би-Би-Си.
Извор: МИА