Или ќе се договориме за пет часа или ќе останеме овде три дена и нема ништо да се договориме. Оваа изјава на хрватскиот премиер Зоран Милановиќ е најдобар показател за ситуацијата во Брисел пред вечерашниот почеток на дводневниот специјален Самит на Европскиот совет, кој се очекува да биде најнеизвесен бидејќи лидерите на 27-те земји-членки плус Хрватска одлучуваат за тоа како и колку во иднина ќе биде полна касата на Европската унија.
Како што јавува дописникот на МИА од европската престолнина, неизвесна е судбината на висината на идниот седумгодишен буџет на Европската унија, бидејќи Европската комисија предлага МФФ за периодот од 2014 до 2020 година да биде 1.033 милијарди евра за Европската унија, Кипарското претседателство со Унијата даде предлог за 50 милијарди евра помалку, за се да заврши со актуелниот предлог на претседателот на Европскиот совет, Херман ван Ромпуј, кој бара буџетот на ЕУ за периодот од седум години да изнесува 973 милијарди евра.
Пораката на хрватскиот претседател на Владата при неговото пристигнување во зградата на Европскиот совет на Европската унија во Брисел се смета за најнеутрална оти неговата земја засега има улога на набљудувач, бидејќи дури во јули 2013 година ќе стане полноправна членка на Унијата.
Тој вели дека во случајов се работи за проценти кои за некои земји како Германија може да влезат во статистичка грешка, но поради криза и однос на домашна политичка сцена, не само во Германија, туку и во Велика Британија, Франција, Холандија, Данска, Шведска и останатите членки на ЕУ, едноставно луѓето се построги од претходно.
– Се работи за различни погледи на проблемите. За ЕУ тоа се малку пари, но се работи за правец на државите кои се посиромашни и подоцна влегоа во Унијата, а дадоа отворен пазар на побогатите, па очекуваат третман каков што заслужуваат – истакна Милановиќ.
Високи преставници на Унијата, брифираат дека се очекува да има тешки и различни позиции на земјите-членки и мала надеж дека ќе дојде до договор. Најголем проблем е Велика Британија, која бара седумгодишнио буџет да биде за 200 милијарди евра понизок од она што го бара Комисијата, додека Германија сака 130 милијарди евра помалку пари во европската каса за периодот од 2014 до 2020 година.
– Ова се многу важни преговори. Во време на тешки одлуки што ги имаме дома за јавните трошоци би било сосема погрешно зголемување на трошоците во ЕУ. Затоа велам дека ова ќе бидат тешки преговори, особено за заштита на британските и воопшто на европските даночни обврзници – изјави британскиот премеир Дејвид Камерон пред неговата билатерална средба со претседателот на Советот, Херман ван Ромпуј.
Всушност, денешниот Самит започна со издвоени билатерални средби на Ван Ромпуј со лидерите на секоја од 27-те земји-членки на ЕУ плус со премиерот на Хрватска. Дури за 20:30 часот е закажан официјалниот почеток на состанокот, кој е можно да трае до петок рано изутрина. Се најавува дека е можно по билатералните средби на Ван Ромпуј со лидерите на земјите-членки, потоа тој да излезе со нов предлог кој би бил усогласен, со што би се задоволиле сите желби.
Претседателот на Еврогрупата и премиер на Луксембург, Жан-Клод Јункер при доаѓањето во зградата на Европскиот совет истакна дека очекувам тешки преговори.
– За многу работи не сме блиску до договор и не можеме да донесеме брза одлука. Не ни требаат многу повеќе пари, но ниту помалку, бдиејќи одлуките на Советот мора да се финансираат. Не знам како ќе ги убедиме Британците, но факт е дека тие мора да дозволат да бидат убедени! – порача Јункер.
Во случај Европскиот Совет да не се договори со МФФ за периодот 2014-2020 тогаш според правилата Унијата би продолжила да функционира според актуелната буџетска рамка, а која во моментов е 953 милијарди евра за периодот од 2007 до 2013 година или по околу 136 милијарди евра годишно. Не се исклучува ниту варијантата за брзо време да биде закажан нов Специјален самит посветен на истата тема.