Лидерката на данските социјалдемократи, Мете Фредериксен, објави дека се согласила да формира коалициска влада од левиот центар, задржувајќи ја својата моќ во услови на криза во односите со американскиот претседател Доналд Трамп околу иднината на Гренланд.
Спогодбата за формирање малцински кабинет ѝ дава на Фредериксен трет последовен мандат како премиер, со што завршуваат месеците неизвесност по изборите во март на кои 12 партии освоија места во данскиот парламент.
„Бев со Неговото Височество Кралот и објавив дека владата може да се формира по долги преговори“, изјави Фредериксен пред новинарите.
Нејзината центристичка коалиција го загуби мнозинството на гласањето на 24 март, бидејќи Данците се побунија поради кризата со трошоците за живот, иако Социјалдемократската партија остана најголемата група во парламентот со 38 од 179 места, што е намалување од 50.
По повеќе од два месеци преговори, за време на кои и социјалдемократите и десничарските либерали се обидоа да ја предводат новата влада, 48-годишната Фредериксен беше таа што ја обезбеди потребната поддршка од партиите во парламентот.
„Тоа е владина платформа за луѓето што се во Данска и за идните генерации, како и за животните“, рече таа.
Благосостојбата на животните беше една од неколкуте главни теми што се дискутираа во изборната кампања.
Општите приоритети на владата ќе бидат презентирани денеска, додека министрите ќе бидат назначени во среда, рече Фредериксен.
Итната листа на обврски на владата вклучува дипломатски разговори за Гренланд, за кој Трамп се закани дека ќе го анектира, и брзо јакнење на војската на Данска, бидејќи безбедноста во Европа се влошува поради војната на Русија во Украина.
