Данска: Откриени конкретни подготовки за руска саботажа

Од:

Данските власти откриле планови и подготовки за руска саботажа во Данска, објави весникот „Берлингске“. Компаниите од одбранбената индустрија кои се поврзани со воената помош за Украина се меѓу главните потенцијални мети, изјави за весникот Емил Гресхолм, шеф на контраразузнавачката служба на Данската безбедносна и разузнавачка служба (ПЕТ).

„Главната цел е да се запре конкретната испорака за украинската одбрана. Во исто време, целта е да нè заплашат за да престанеме да ги поддржуваме Украинците и да не ги зајакнуваме сопствените одбранбени капацитети“, изјави Гресхолм.

Иако разузнавачката служба вообичаено не ги објавува ваквите информации во јавноста, Гресхолм оцени дека заканата е доволно конкретна за да биде упатено јавно предупредување.

„Изборот на цели и подготовките се толку специфични што сметаме дека е неопходно јавно да испратиме порака, бидејќи ова е закана што треба сериозно да се сфати“, рече тој.

Како една од можните тактики што би можела да ја користи Русија, Гресхолм го наведе подметнувањето пожари. Тој ги повика компаниите од одбранбениот сектор да ги засилат безбедносните мерки.

Според него, Русија исто така се обидува да регрутира „обични Данци“ за своите планови, често без тие да знаат дека всушност работат за Москва.

„Тоа би можело да вклучува фотографирање или снимање видеа од компании или објекти, кои потоа би можеле да се користат за планирање саботажа“, изјави Гресхолм.

Тој ги повика граѓаните во Данска да бидат внимателни доколку некој од нив побара вакви услуги.

Од ПЕТ очекуваат заканата да продолжи да расте „по обем и сложеност“.

„Таа е насочена против украинските одбранбени производители во Данска. Но, гледаме дека Русите генерално се заинтересирани и за одбранбената индустрија во Данска“, предупреди Гресхолм.

Би можело да ве интересира

Туск обвини за саботажа: Пожарот е намерно подметнат

Фон дер Лајен: Да нема забуна – Европа е нападната

(ВИДЕО) Најмалку осум лица се повредени во напад врз Одеса

НАТО ја повика ЕУ да го зголеми притисокот врз Русија и поддршката за Украина

(ВИДЕО) Го прашаа Путин дали Русија ќе гаѓа цели во Британија

Русија и Германија дополнително ги заоструваат односите: германски дипломат повикан во Москва