Меркел: Кол дефинитивно го промени мојот живот

Од:

Германската канцеларка Ангела Меркел оддавајќи му почит на поранешниот германски канцелар Хелмут Кол, кој почина вчера на 88-годишна возраст, истакна дека тој дефинитивно го променил нејзиниот живот со улогата што ја имал во повторното обединување на Германија.

Претседателот на Германија Франк-Валтер Штајнмаер изјави дека поранешниот германски канцелар Хелмут Кол успеал да го постигне обединувањето на Германија и да ги задржи мирните односи со соседните земји.

– Тој успеа да постигне германско единство при мирна согласност и зачувување на партнерството со нашите европски соседи. Ние сме му благодарни за тоа дека Германија беше потврдена како европска единствена нација и дека на тој начин беше решено „германското прашање“, наведе Штајнмаер.

– Неговите заслуги ќе останат запаметени, ние никогаш нема да го заборавиме Хелмут Кол, истакна Штајнмаер.

Портпаролот на Меркел, Штефан Зајберт, синоќа изрази „длабоко жалење поради големиот Германец и големиот Европеец“.

– Му должиме бескрајно многу на Хелмут Кол. За нашата слобода, нашето единство и нашата Европа, наведе шефот на кабинетот на Меркел, Петер Алтмајер.

Истовремено, ривалот на Меркел, Мартин Шулц од Социалдемократската партија на Германија истакна дека „и покрај политичките разлики, Кол заслужува почит поради неговите достигнувања“.

Се огласи и шефот на германската дипломатија Зигман Габриел.

– Кол беше голем државник, голем германски политичар, а пред се голем Европеец, истакна Габриел.

Поранешниот германски канцелар Герхард Шредер изјави дека Кол, бил патриот и оти неговиот историски придонес заслужува почит.

-Обединување на нашата земја и целиот континент за сите времиња ќе бидат поврзани вклучително со неговото име, истакна Шредер.

Длабоко жалење за смртта на Кол изразија и поранешните и сегашните европски и светски лидери.

Поранешен лидер на Советскиот Сојуз Михаил Горбачов го нарече Кол „исклучителна личноста која покажала длабоко интересирање за Русија“,

– Кол успеа да ги земе предвид интересите на другите и да ја надмине меѓусебната недоверба со цел да постигне взаемна доверба, потанцираше Гарбачов.

Во телеграмата на рускиот претседател Владимир Путин, по повод смртта на Кол, наведено е дека „Русија ќе го памети Кол како принципиелен поддржувач на развивањето на пријателските односи меѓу двете земји, кој дал огромен придонес во зајакнувањето на взаемното корисно билатерално партнерство и добрососедските односи“.

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутериш изрази сочувство за смртта на поранешниот германски канцелар Хелмут Кол, кој според него „помогнал за одредувањето на курсот кон историскиот процес на политичката и економската интеграција во Европа“.

– Генералниот секретар на ОН изрази сочувство на семејството на Кол, а исто така и на Владата и народот на Германија, соопшти прес-службата на Гутериш.

Гутереш наведе дека Кол, „одиграл важна улога за мирното обединување на својата земја“ и дека „денешната Европа е плод на неговата визија и неговата упорност пред лицето на огромните пречки“.

Австрискиот канцелар Кристијан Керн наведе дека Кол бил татко на денешната Европска унија, а неговото наследство ќе живее долго време.

Претседателот на Европскиот парламент Антонио Тајани изјави дека Кол бил “борец за помирувањето во Европа, кој засекогаш влезе во историјата како татко на заедничкиот европски дом”.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Хелмут Кол бил „пријател и сојузник“ на САД, додека бил канцелар на Германија во текот на 16 важни години.

– Неговото наследство ќе продолжи да живее, истакна Трамп.

На 87-годишна возраст, синоќа во својот дом во Лудвигсхафен, почина поранешниот германски канцелар Хелмут Кол.

Кол беше канцелар на Германија од 1982 до 1998 година.

Тој ја покрена иницијативата за соединувањето на двете Германии и беше „движечка сила“ за воведувањето на единствена европска валута, убедувајќи ги скептичните Германци да се откажат од марките.

Кол по Втората светска војна, најдолго од сите беше на функцијата канцелар на Германија – четири последователни мандати.

Кол беше во лоша здравствена состојба и во инвалидска количка од 2008 година.

Поранешниот американски претседател Бил Клинтон го оцени Кол како „најголемиот европски лидер од втората половина на 20-тиот век“.

Би можело да ве интересира

Германија стравува дека утре ќе избијат немири, илјадници полицајци пристигнуваат во Берлин

Меѓународниот суд на правдата нема да и наложи на Германија да го запре извозот на оружје за Израел

Горан Наумовски

Русин со нож усмрти двајца Украинци во Германија

Првиот германски разузнавач: И Русите се подготвени за саботажа

Горан Наумовски

Тројца тинејџери уапсени во Германија под сомнение дека планирале напад

Спречен терористички напад во Германија