Раководството на Иран ги понижи САД, изјави германскиот канцелар Фридрих Мерц, сугерирајќи дека Техеран ја надмудри администрацијата на Трамп на преговарачката маса. Острата оценка на германскиот канцелар за застојот во преговорите меѓу САД и Иран е во директна спротивност со напорите на Доналд Трамп да ја прикаже ситуацијата во позитивно светло и веројатно ќе го продлабочи сериозниот трансатлантски јаз меѓу САД и нивните сојузници во НАТО, пишува „Гардијан“.
Пред два дена, Доналд Трамп го откажа патувањето на американските преговарачи во Исламабад, каде што требаше да се одржат индиректни разговори со иранската делегација. Претходната рунда преговори во пакистанската престолнина, одржана две недели претходно, заврши без напредок, а американската делегација потоа ја предводеше потпретседателот Џ.Д. Венс.
Само еден ден пред изјавата на Мерц, американскиот претседател изјави за „Фокс њуз“: „Ние ги држиме сите карти во наши раце“, додавајќи дека ако Техеран сака да разговара, „може да дојдат кај нас или можат да ни се јават“.
Зборувајќи пред студентите во Марсберг, Мерц сугерираше дека тимот на Трамп бил надигран. „Јасно е дека Иранците се многу вешти преговарачи, или уште подобро, тие се многу вешти во избегнувањето преговори. Тие им дозволуваат на Американците да патуваат до Исламабад, а потоа ги оставаат да си одат со празни раце“, рече тој.
„Целата нација е понижена од иранското раководство, особено таканаречената Револуционерна гарда. Затоа се надевам дека сето ова ќе заврши што е можно поскоро“, додаде германскиот канцелар.
Иран во понеделник презентираше нов предлог за договор за прекин на огнот со цел отворање на Ормутскиот теснец. Според регионалните претставници, дискусиите за нуклеарно оружје, ракети, санкции и други прашања ќе бидат оставени за подоцна. Според законот што го подготвува иранскиот парламент, бродските компании ќе мора да му плаќаат на Техеран „услуги“ за премин низ теснецот, кој беше бесплатен пред војната.
Иранските претставници изјавија дека Техеран на крајот ќе биде подготвен да разговара за нуклеарното прашање, но само откако ќе се укине блокадата на САД. Иранските преговарачи се соочуваат и со внатрешен притисок од Корпусот на Исламската револуционерна гарда и јавноста да не разговараат за нуклеарни прашања.
Медијаторите вклучени во разговорите велат дека овој пристап веројатно нема да успее бидејќи нема да ги исполни ниту една од наведените воени цели на Вашингтон, кои вклучуваат трајно запирање на нуклеарната програма на Иран. „Ормутскиот теснец е последица на војната, па како може прво да се реши тоа прашање?“, рече еден дипломат запознаен со разговорите.
