Американскиот воен врв вети дека ќе ја нападне Исламската држава по самоубиствениот бомбашки напад од вчера на аеродромот во Кабул, откако оваа терористичка организација ја презеде одговорноста.
-Нападот на влезот на аеродромот го извршија бројни вооружени припадници на Исламската држава, кои отворија оган врз цивили и воените сили, изјави од Пентагон генералот Френк Мекензи од американската централна команда.
Тој, исто така, пренесуваат британските медиуми, вети дека евакуацијата од Кабул ќе продолжи и предупреди дека се очекуваат нови напади.
-Ставивме повеќе од 5.000 американски војници во ризик да спасат што е можно повеќе цивили, и тоа е благородна мисија, а денеска од прва рака видовме колку е опасно. ИСИС нема да не спречи да ја извршиме оваа мисија, можам да ве уверувам, рече Мекензи.
Американскиот генерал, исто така, кажа дека САД ќе го задржат правото да дејствуваат против ИСИС во Авганистан, доколку се утврди дека се поврзани со овој кукавички напад и дека американските војници се подготвени да преземат мерки против нив и ќе ги искористат сите достапни воени средства во одбрана на аеродромот во Кабул.
Исламска држава Хорасан (ИСИС-К), огранок на терористичка организација која претходно се бореше против американските сили во Сирија и Ирак, ја презеде одговорноста за нападот во кој вчера загинаа десетици лица, вклучувајќи и Авганистанци кои се обидуваа да ја напуштат земјата и најмалку 13 припадници на армијата на САД.
Исламистички бомбаш -самоубиец „успеа да стигне до голема група американски воени преведувачи и соработници во близина на хотелот „Барон“ во близина на аеродромот во Кабул и меѓу нив го активираше својот појас со експлозив, при што загинаа околу 60 лица, а повеќе од 100 се ранети, вклучувајќи и талибански борци“, се наведува во соопштението на Исламската држава.
Талибански претставник за британските медиуми изјави дека пред неколку дена уапсиле борец на ИСИС на аеродромот кој за врема нсослушувањето им кажал за плановите за напади и дека затоа ги одложиле собирите на јавни места и ги советувале нивните лидери да не учествуваат на собири, бидејќи ИСИС-К е заколнат непријател на талибанците.