ВИДЕО: Маргарет Тачер погребана во Лондон со високи воени почести

Од:

Поранешниот британски премиер Маргарет Тачер е погребена денеска во Лондон, со високи воени почести и со службена церемонија во катедралата Сент Пол, каква пред тоа имаше за мајката на кралицата Елизабета, во 2002 и за принцезата Дијана, во 1997 година.

На црковната церемонија, покрај членовите на нејтесното семејство на Тачер, присуствуваа и кралицата Елизабета Втора и нејзиниот сопруг, принцот Филип, што е прв таков случај по погребот на Винстон Черчил во 1965 година, кој беше погребан со државни почести, што овој пат не беше случај.

Присуството на кралицата е, сепак, знак за големата почест што таа го има за Тачер, првата жена премиер во историјата на Велика Британија, која 11 години беше во Даунинг стрит 10, што е најдолг мандат на еден британски премиер во 20 век.

Според неделникот „Сандеј тајмс“ кралицата Елизабета имала најдобри односи со еден премиер во Даунинг стрит 10, токму во времето на Тачер и нејзините три, едноподруго мандати.

На погребот, присуствуваа околу 2300 домашни и странски гости. Сите членови на сегашната британска коалициона Влада, лидерот на опозицијата, лабуристот Ед Милибанд, сите поранешни членови од владите на Тачер, како и тројцата поранешни премиери-Џон Мејџор, Тони Блер и Гордон Браун. Меѓу присутните беа и претставници од 170 земји во светот, а меѓу нив и претседателот на Собранието Трајко Вељановски кој ја претставувше Република Македонија.

Единствената земја која не доби покана за присуство е Аргентина, со која Тачер, како премиер, покрена војна за ослободување на Фокландските острови, по инвазијата што претходно ја изврши аргентинската армија, во пролета 1982 година.

Решението да не се покани никој од аргентинските високи функционери беше донесено на барање на семејството на Тачер. Владата во Лондон ја покани само аргентинската амбасадорка, но таа ја одби поканата и не присуствуваше во Сент Пол катедралата.

На погребната церемонија не присуствуваа ниту поранешниот советски лидер Михаил Горбачов, некогашниот германски канцелар Хелмут Кол, како и сопругата на Роналд Реган-Ненси, иако беа поканети, оправдувајќи го отсуството со поодминатите години и нарушеното здравје. Не допатуваа ниту поранешните американски претседатели, таткото и синот Буш и Бил Клинтон.

На церемонијата во црквата, делови од Евангелието прочитаа внуката на Тачер, Аманда и премиерот Дејвид Камерон, а за Тачер зборуваше бискупот на Лондон, долгогодишен пријател на поранешната премиерка. Во изјавата за радио Би-Би-Си, Камерон утринава изјави дека денешната погребна церемонија е „израз на почит кон еден голем премиер, со голем респект во целиот свет“.

– Мислам дека во светот ќе мислеа дека сме погрешиле, доколку не беше организиран погреб, онаков каков Тачер треба да има – рече Камерон.

Тој ги отфрли критиките во дел од домашната јавност и мислењето дека некогашниот лидер на ториевците и премиер, се погребува со државен протокол, за кој се трошат многу пари. Поранешните соработнци на Тачер тврдат дека таа самата уште жива се спротивставила да се организира за неа државен погреб. За тоа треба и одлука на Парламентот, за што веројатно ќе се водеше остра дебата, што сегашната Влада сакаше да ја одбегне, како поради пиететот кон Тачер, така и од свои внатрешно-партиски причини.

Пред Винстон Черчил, погреб со државен протокол имало само уште за Вилијам Гледстон, кој четири пати беше британски премиер во 19 век, а пред тоа вакви погреби имало за научникот Исак Њутон, за Лорд Нелсон, победникот во битката кај Трафалгар, како и за војводата Велингтон, главен командант на битката против Наполеон, кај Ватерло.

Ковчегот со мртвото тело на Маргарет Тачер помина низ улиците на Лондон, прво во автомобил, од зградата на Парламентот до црквата Сент Климент, а од таму беше поставен на лафет од топ од Првата светска војна, влечен од шест црни коњи.

Голем број луѓе беа собрани по Флит Стрит, до црквата Сент Пол, каде се одржа погребната церемонија, за да и одадат почит на Тачер, но нивниот број беше многу помал отколку за Черчил, од пред 48 години. Дури четири илјади полицајци се грижеа за безбедноста, но засега нема сознанија за инциденти кои ги најавуваа домашните анархисти и ултралевичари.

Би можело да ве интересира

Британците повеќе не ја сметаат Германија за сигурен сојузник

Велика Британија: Полицијата нуди 23.000 евра за помош за апсење на напаѓачот од Клепам

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Бурата Иша ја погоди Британија, откажани летови, илјадници домови без струја

Хорор во Англија: Пронајдени четири тела во куќа во Костеси

А1он

Ковачевски: Со законот за рестриктивни мерки ќе бидат опфатени наши ентитети, санкционирани од САД и Британија

А1он

Кое оружје го користеа САД и Велика Британија за да ги нападнат Хутите

А1он