Претседателот на Малдивите, Абдула Јамен денеска прогласи вонредна состојба во земјата во наредните 30 дена, во пресрет најавените масовни протести на опозицијата.
Ваквата одлука на претседателот им дава специјални овластувања на безбедносните сили да ги прогонуваат и да ги апсат сите кои ќе ги означат како „сомнителни“.
Денешното решение на Јамен доаѓа на само два дена пред антивладини протести во главниот град Мале, што ги најави опозицијата предводена од Малдивската демократска партија (МДП), која е најголема опозициска партија во оваа островска земја, во Индискиот Океан.
Лидерот на МДП, Мохамед Нашар е уапсен уште во март годинава, откако остро ги критикуваше владините антитерористички мерки и нивната „еднострана примена“.
Државниот обвинител на Малдивите ја оправда одлуката на претседателот, тврдејќи дека полицијата открила сандак со оружје и експлозив, како и план за „употреба на опасно оружје“.
Обвинителот вели дека безбедносните сили, пред два дена, откриле и демонтирале бомба, поставена во близината на претседателската палата.
– Претседателот Јамен прогласи вонредна состојба за да гарантира безбедност и сигурност на сите жители на Малдивите, изјави неговиот портпарол.
Малдивите кои често се означуваат како „рајско место“ и бисер во Индискиот Океан, неколку недели се наоѓаат во длабока политичка криза, откако претседателот минатиот месец среќно ја преживеа експлозијата на неговиот брод.
Патувајќи од аеродромот до пристаништето во Мале, дојде до експлозија во машинскиот дел на бродот. Јамен остана неповреден, но настрада неговата сопруга, која се уште се опоравува од повредите.
Властите го уапсија потпретседателот Ахмед Адеб, обвинувајќи го дека се обидел да изврши атентат врз шефот на државата. Американската ФБИ водеше истрага за инцидентот и заклучи дека нема траги оти експлозијата била предизвикана од подметната бомба.