Владата на Малдивите соопшти дека земјата ја напушта заедницата на државите од Комонвелт, незадоволна, од како што се вели, нејзиниот нефер и неправедниот однос.
„Станува збор за тешка одлука, но таа беше неизбежна „- изјави малдивскиот министер за надворешни работи, Мохамед Асим, обвинувајќи го Комонвелтот за мешање во внатрешните работи на Малдивите.
Претходно, Комонвелтот ги предупреди властите во оваа островска земја во Индискиот океан, на можноста да биде суспендирана од членството во заедницата, доколку државата не покаже напредок во демократијата.
Повод за интервенцијата на Комонвелтот беше апсењето на низа лидери на опозицијата, меѓу кои и поранешниот претседател Мохамед Нашед, но заедницата има приговори и за непочитување на слобдата на говорот, апсењето и судењето на противници на власта, како и отсуството на независно судство.
Малдивите се повеќепартиска демократија од 2008 година, по повеќедецениско автократско управување
Државата е сместена на 1194 острови низ Индискиот океан, западно од Шри Ланка и југозападно од Индија. Најголемиот број од населението се сунитски муслимани.
Комонвелтот и порано има суспендирано држави-членки, како Пакистан, Фиџи, Нигерија или Зимбабве, но ниту една досега не била исклучена од заедницата.
Некои од државите, самите се повлекле, како Зимбабве во 2003 година, со слично образложение како и сега Малдивите, или Гамбија, во 2013 година.