Нафтата и гасот го направија Катар најбогата земја на светот, толку богата што на стадионите и инфраструктурата за Светското фудбалско првенство се потрошиле 200 милијарди долари.
Би-Би-Си пишува дека буквално неограниченото богатство сепак не донело целосна среќа на малиот емират, бидејќи донесува и општествени промени кои не им се допаѓаат на сите.
Крај на април, температурата во Доха се уште е пријатна, па семејствата се релаксираат во попладневните часови на сончевото шеталиште на брегот на Персискиот залив. Летото во Катар трае од мај до септември, а температурите секојдневно се над 38 степени Целзијусови, а често достигнуваат и до 47.
Панорамата на главниот и најголем град на Катар многу се промени во последните неколку години: кули од челик и стакло израснаа како вештачка шума во предел на кој порано имало само песочен брег.
– Станавме урбани – забележува за Би-Би-Си др. Калтам ел Ганим, професор по социологија на Универзитетот во Катар: – Нашиот општествен и стопански живот се промени. Семејствата се повеќе се разделуваат, преовладува потрошувачка култура.
Катар е најбогата земја на светот, со БДП по глава на жител од дури 102.000 долари. Следат Лихтенштајн со 89.000, Бермуда 86.000, Макао 82.000 и Луксембург со 78.000. Според податоците на ЦИА, од прилика 14 отсто домаќинства во Катар се доларски милионери, а во 2013 година невработеноста била само 0,1 отсто.
Пред помалку од еден век Катар живеел во крајна сиромаштија, а денес е лидер во богатството. Искористувањето на енергетските извори почнало во 40-тите години од минатиот век, а пред тоа Катарчани живееле од риболов и вадење на бисери. Катар располага со трети светски резерви на природен гас, а резервите на нафта се 15 милијарди барели.
Образованието е бесплатно, како и здравствената заштита. Работните места се гарантирани, како и местото за живеење. Водата и струјата се бесплатни. Во Катар не постои данок, не го плаќаат ни странците. Тие податоци се јасни.
Работата која е помалку јасна е колку е колку толку брзите промени влијаеле на општествениот живот. БиБиСи забележува дека во Доха на секој чекор се чувствува притисок. Градот е големо градилиште, во кое цели области се во изградба, или срушени поради нови градби. Поради сообраќајната гужва, граѓаните поголем дел од времето го поминуваат надвор од дома и таа атмосфера создава стрес. Според извештаите на локалните медиуми, денес 40 отсто катарски бракови завршуваат со развод. Повеќе од две третини граѓани, возрасни и деца страдаат од дебелина.
Во општество во кое државјаните на Катар се малцинство – односот на странците и домашните е од прилика седум спрема еден, староседелците велат дека расте фрустрацијата на младите дека странците им ги зимаат најдобрите работни места. Од вкупно 1.800.000 жители, само 280.000 се Катарчани. Како што пишува белградскиот весник Новости, во Катар живеат и работат и околу 2.000 граѓани на Србија.
Државјаните дозвола за изградба на куќа добиваат многу брзо, а државата подоцна им ја рефундира половината од трошокот за изградба. Сепак, само државјани можат да поседуваат куќи, бидејќи забрането е продажба на земја на странци. За странците пак, изграден е вештачки остро кај Доха по име Перла, каде становите кои странците можат да ги купат, чинат и до половина милион долари.
Сепак, во трката за развој се зголемува чувството дека е изгубено нешто важно, забележува Би-Би-Си.
Животот на просечно катарско семејство целосно е изменет. Децата главно ги чуваат негувателки од Филипини, Непал, Индонезија, а се зголемува културолошкиот и генерацискиот јаз.
Ум Калаф, жена на 60 години чие лице е покриено со традиционален вел, вели за Би-Би-Си дека животот бил прекрасно едноставен во нејзината младост. Сега, изгубена е таа семејна интима, додава таа.
Катар е апсолутистичка монархија, со која уште од средината на 19 век владее династијата Ал Тани, која ги истерала бахреинските, османлиските и британските владетели, за земјата да стекне независност во 1971 година.
Од минатата година шеф на државата е осмиот емир на Катар, Тамим бин Хамад ал Тани. Најмладиот арапски лидер кој има 34 години, се прашува за се и забранета е било каква критика на негова сметка – вклучувајќи ги и медиумите. Кога се работи за медиумите, седиштето на светски признатата мрежа Ал Џезира е во Катар.
Алкохолот во Катар е дозволен во одредени зони. Тие зони во текот на Светското првенство во фудбал ќе се нарекуваат зони за забава.
Катар има само едена соседна земја на копно – Саудиска Арабија, со која има потпишано одбранбен договор. Во Катар постои и воздушна база за американската и британската војска. Сепак, како што пишува Њујорк тајмс, повикувајќи се на дипломатски телеграми, Катар имал најлоши резултати кога се работи за борбата против тероризмот.
Истовремено, емиратот е расположен да финансира разни бунтовнички и исламистички движења: Хамас на Блискиот исток, Муслиманските браќа во Египет, бунтовниците ширум арапскиот свет во текот на Арапската пролет, пишуваа западните медиуми.
Катар е прва арапска земја која ја доби организацијата Светското првенство.
Апсолвентката по новинарство Маријам Дахруџ забележува дека како што се приближува Светскиот куп, луѓето во Катар се плашат: – Одеднаш цел свет сака да не види. Ние сме затворено општество, а тие сакаат да дојдат и да ги донесат своите различности. Тогаш како ние да ги изразиме нашите вредности?
Меѓутоа и таа фудбалска приказна ја следат контроверзи, секако со многу пари. По натписот на весникот Телеграф за можното купување на првенството, истражувачи на Фифа покренаа истрага: весникот имено објавил дека поранешниот претседател на Извршниот одбор на ФИФА Џек Ворнер и членовите на неговото семејство добиле 2 милиони долари од фирма која учествувала во кандидатурата на Катар за првенството.
Во 2010 година Катар ја доби организацијата Светското првенство, а до тогаш никогаш репрезентацијата на таа земја не се квалификувала ни за еден финален меѓународен фудбалски натрпевар. Критичарите на овој избор се прашале и како жешката клима ќе влијае на настапот на играчите, па е предлагано и натпреварот да се одржи во текот на зимата.
Истрагата на ФИФА за случајот за изборот на Катар е во тек, а емирот е одлучен до 2022 година Катар да го претвори во земја од сказните. Всушност, малата држава со нешто над 11.000 квадратни километри, веќе изгледа како од сказните.
Како што пишуваше весникот Новости, во екстравагантниот Катар постои фудбалски стадион Халифа со еркондишен, лизгалиште кое работи и на 45 степени, базен за коњи, шопинг мол кој е совршена реплика на Венеција. Во шега обично се вели дека државјанин на Катар кој има една куќа, едно возило и една жена е сиромашен човек.
Фармерот Али ел Џехани на гостите служи топло пенливо млеко од камила и смета дека развојот на Катар, како што пренесе за Би-Би-СИ – се одвива пребрзо:
– Порано се богатевме кога работевме, а бевме сиромашни кога не работевме – тоа време беше многу подобро.