Либискиот генерал Калифа Хафтар, чии трупиј го контролираат источниот дел на Либија, ја предупреди денеска Италија дека нејзините воени бродови ќе бидат „потиснати назад“, доколку без дозвола навлезат во либиските територијални води.
Хафтар, кој е поранешен генерал на Армијата на Моамер Гадафи, со кого подоцна целосно се разиде, а сега се претставува како фелдмаршал на самопрогласената Либиска народна армија, во своето заканувачко соопштение не открива дали при „потиснувањето“ на италијанските бродови ќе биде употребена воена сила.
Засега тој само најави дека им наредил на воените бази во четири либиски градови да ги блокираат италијанските бродови.
Изјавата на Хафтар претставува реакција на вчерашната одлука на италијанскиот Парламент да се одобри планот на владата во Рим за испраќање воени бродови и маринци во Либија, за да се спречи напливот на мигранти, кои преку либиската територија и Медитеранот се префрлаат во Италија.
Либиската Влада што е сместена во градот Тобрук, обвини дека акцијата на италијанските бродови во либиските води ќе претставува „насилство врз суверенитетот на Либија“.
Во владиното соопштение се вели дека со оваа акција, Рим сака да ги извезе илегалните мигранти од Италија во Либија, нагласувајќи дека враќањето на десетици илјади Африканци претставува „опасен удар врз либиската безбедност, економија и врз либиското општество“.
Втората либиска Влада, која е стационирана во Триполи и која ја има подршката на ОН, се согласи на соработка во операцијата со Италијанците, но бара од Рим да има нејзина согласност за секое навлегување на италијанските бродови во либиските територијални води.
По насилната смена од власта на Моамер Гадафи, пред шест години, Либија се уште неможе да организира централна власт, ниту да обезбеди контрола и заштита на либиската територија, а посебно контрола на границите.
Во хаосот во кои живее Либија по Гадафи, земјата се претвори во „отворена врата“ за мигрантите од земјите на Африка, кон Италија и Европа.