Истакнатиот либиски новинар Мафтах Бузеид, познат како остар критичар на вооружените исламистички паравоени групи, е убиен во Бенгази.
Бузеид беше уредник во локалниот весник „Бурник“ и редовно се појавуваше на телевизија, во разни дебати и емисии во кои го осудуваше зголемувањето на бројот на разните милитантни исламистички групи во Либија, по соборувањето на либискиот лидер Моамер Гадафи во 2011 година.
Вечерта пред да биде убиен, овој новинар учествувал во една таква дебата на локалната телевизија.
Бенгази кој е втор по големина град во Либија, веднаш по падот и ликвидацијата на Гадафи стана средиште на насилство и судири меѓу разните исламистички милитантни и паравоени групи. Во градот се разви и силно сепаратистичко движење кое заговара не само поинаква територијално-административна поделба на земјата, туку и нова распределба на приходите од извозот на нафтата.
Во август минатата година во Бенгази беше убиен еден телевизиски водител, а повеќемина новинари и водители беа цел на неуспешни атентати. Насекаде во Либија нападите врз новинарите или киднапорањата се честа појава, но никој досега не е откриен или осуден за таквите дела.
Пред десетина дена, одметнатиот генерал Халифа Хафтар, со своите трупи изврши напад врз исламистичките групи во Бенгази, а потоа ја нападна и зградата на Парламентот во Триполи, обвинувајќи ги Владата и пратениците дека ги подржуваат исламистите.