Либиската Влада на национално единство, која е поддржана од Обединетите нации воспостави административна контрола врз седум министерства во Триполи, вклучувајќи го и Министерството за надворешни работи.
На новата Влада вчера и беа предадени и зградите на министерствата за градежништо и комунални услуги, за транспорт, социјални грижи, локална самоуправа, млади и спорт и исламски прашања.
За неколку дена се очекува да бидат предадени и министерствата за планирање, за труд и образование.
Владата на национално единство, чии членови пристигнаа минатиот месец во Триполи, би требало да ги смени двете ривалски администрации, кои беа создадени во 2014 година во либискиот главен град и во источниот дел на земјата.
Новата Влада сепак дејствува внимателно, обидувајќи се да обезбеди поддршка од многубројните вооружени групации, кои се присутни во Триполи од падот на Моамер Гадафи, во 2011 година.
Претседателскиот совет, кој претставува раководство на Владата на национално единство мораше во Триполи да пристигне со брод, бидејќи самопрогласената влада за национален спас, која ја држеше власта во главниот град го затвори воздушниот простор за да го попречи доаѓањето на претставници на меѓународно признатата Влада.
Се очекува Владата на национално единство да положи заклетва на седница на Парламентот оваа недела.