Либиската Влада, која е призната од меѓународната заедница и која ја обвинува Турција дека ги поддржува нејзините исламистички противници ги отстрани турските компании од сите државни економски проекти во Либија.
Владата на Абдула ал Тани одлучи да ги преразгледа сите проекти со учество на странски компании и да ги отстрани турските компании од сите државни проекти во Либија, се наведува во соопштението, објавено по седницата на кабинетот во источниот град Бајда.
Меѓународно признатата Влада се смести во Бајда, откако вооружената исламистичка групација Фаџр Либија го зазеде Триполи и формираше паралелна влада.
Кабинетот на Ал Тани редовно ги обвинува Турција и Катар дека ги поддржуваат неговите противници и радикалните групации како Ансар Ашарија, поместена од Вашингтон на листата терористички организации.