Најмалку 28 лица загинаа и над 100 се повредени во вчерашните судири меѓу завојуваните вооружени милиции во Триполи.
Вооружена група, лојална на владата на националното единство, поддржана од меѓународната заедница, зазеде затвор во јужниот дел на Триполи, каде се затворени водечки личности од поранешниот режим на Моамер Гадафи.
Доцна вечерта, министерствата за внатрешни работи и за правда прецизираа дека сите затвореници им се предадени. Тие се во добра здравствена состојба и се префрлени на безбедно место.
Во вчерашните судири загинаа 28 лица, а 128 се повредени, соопшти Министерството за здравство. Судирите избувнаа изутрината, во квартовите Абу Слим, Хадба и Салаедин, каде се распоредени тенкови и тешко оружје. Вечерта борбите се смирија.
Претставникот на ОН за Либија Мартин Коблер ги повика завојуваните фракции да се воздржат од насилство и да бараат политичко решение.
„Гласот на разумот треба да надвладее во интерес на земјата, треба да биде заштитено цивилното население”, се вели во соопштението на Коблер.